Бојан Јовановски, осуден од Основниот суд на девет години казна затвор за случајот „Рекет“, за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ денеска од Апелациониот суд побара да биде укината пресудата и случајот да биде вратен на повторно судење. Неговиот адвокат Сашко Дуковски рече дека тоа го бараат поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба.
„На што се заснова оваа пресуда – на докази или индиции, дали имаме фер постапка и дали може ваква пресуда да се заснова само на исказ на двајца сведоци Орце и Ана Камчева. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски“, наведе Дуковски.
Тој тврди дека целото незаконито водење на постапка и продолжувањето на притворот предизвикало сериозни здравствени последици врз Јовановски, за што ќе бидат доставени материјални докази.
Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е во истиот случај осудена на седум години затвор поради здравствени причини не присуствува на седницата на Апелациониот суд. Жалбата ќе биде презентирана од нејзините бранители Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска. Таа е осудена за делата „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Јанева и Јованоски, според обвинението од бизнисменот Камчев, за кого обвинителството со кое раководеше Јанева имаше отворено друг пред „Империја“ изнудувале пари за да му ја олеснат положбата. Третиот обвинет Зоран Милевски откако ја призна вината беше осуден на три години затвор.