Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук сподели видео на кое зборува турскиот државјанин Седат Пекер во кое според преводот од турски јазик, тој вели дека се среќавал со премиерот Зоран Заев и бил кај него.
„Ако некому не беше јасно зошто обичните службеници осудени во аферата “Мафија” се обично топовско месо со симболични казни, превземајќи ја вината од плеќите на одговорните во МВР? Зошто се судени само за злоупотреба на службената должност и членот 353, а не за фалсификување патни исправи, не за злосторничко здружување и никој не прави финансиска истрага? Одговорот на сето ова следи во видеото, Седат Пекер вели дека се среќавал со премиерот Заев кај него дома“, напиша Мицкоски.
Пекер е едно од имињата кои ги спомена опозициската партија дека биле познати криминалци, а добиле македонски пасош со лажен идентитет. Случајот прво го обелоденија од ВМРО-ДПМНЕ и го нарекоа „Мафија“, па потоа од полицијата излегоа со детали и приведувања. Од МВР тврдеа дека со месеци работеле на расветлување на случајот кој тие го водат под името „Двојник“, а опозицијата се обидела да направи саботажа.
Премиерот Заев тогаш на тврдењата на опозицијата дека Пекер, кој во Турција е осомничен дека е водач на криминална група, се среќавал со македонски политичари, рече дека „никој од нив, ако се гледале, не можеле да знаат дека тој е осомничен“.
„ За тоа дали се гледале коалициски партнери или луѓе од мојата партија или слично, апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој заднински работел на некакви нелегални пасоши или слично. Апсолутно не гледам вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите, партиите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно не може да се каже дека некој има вина поради тоа зашто нормално е кога некој ќе побара средба и да ја закаже средба“, рече Заев минатиот месец.
Инаку во случајот со издавање на пасоши со лажен иденитет обвинети се 11 лица, од кои десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат дека го сториле кривичното дело продолжена злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување.
Досега неколкумина од нив признаа вина и се соочија со казни од околу две години. Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин