Димитров-Гир: Немаме луксуз да чекаме повеќе, време е да се оди напред

Никола Димитров, вицепремиер за европски прашања

„Очигледно е дека огромно мнозинство членки сакаат да почнеме преговори што е можно побрзо, тоа е ставот на ЕУ. Северна Македонија е тест дали треба да и веруваме на ЕУ, не само ние, туку и целиот Балкан“, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на прес конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир по повод одбележувањето на Денот на Европа 9-ти мај.

Запрашани за коментар на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека Албанија може да ги почне пристапните преговори со ЕУ пред Македонија, ако нема договор со Бугарија, евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека ЕК работи на тоа да се закаже меѓувладина конференција и со двете земји, но не се дојдени се уште до тој момент.

„Позицијата на ЕК е апсолутно јасна. Комисијата сака да види одржување на меѓувладината конференција, односно почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија што е можно побрзо. Процесот е заснован на заслуги а двете земји имаат направено многу во однос на тој процес. Време е да се оди напред, т.е. да се направи напредок“, рече Гир.

Димитров: Случајот со С. Македонија е тест за кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан

Околу спорот со Бугарија, Димитров коментираше дека ситуацијата во Бугарија е предизвик, но нема веќе време за чекање.

„Претстои техничка влада, нови избори. Јасно е дека реален политички контекст кој е предизвик. Но истовремено е јасно дека ниту ние, ниту регионот, и нашите соседи, имаме луксуз да чекаме повеќе. Многу време помина. Мислам дека има голем проблем со довербата на европската перпектива во многу земји“, рече Димитров.