Мицкоски: Се согласивме за сè на средбата со Пендаровски а потоа дволичност

Стево Пендаровски и Христијан Мицкоски

Генерално ние се согласивме за сè на средбата, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска во Делчево, прашан од новинарите во врска со изнесените ставови од претседателот на државата Стево Пендаровски, по вчерашната средба.

„Генерално ние внатре се сложивме за сè , како што кажав и на мојата изјава надвор, откако излегов на состанокот кој го имав со господинот Пендаровски. Тоа што го спомнав надвор, практично се согласивме и внатре за време на средбата, но очигледен е притисокот којшто се врши врз него, од оние би рекол новинарски пера којшто се под директна команда и влијание на СДСМ и Зоран Заев, но и од медиумите каде што влијанието на СДСМ и Зоран Заев, рече Мицкоски.

Она што според Мицкоски е забележливо и оставило трага кај претседателот Пендаровски е како што вели, неговата дволичност.

„Едно лице да имате на средбата, едно да имате надвор пред камерите, но во ред, битно е дури ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека сепак доколку имаме нови докази овој случај, како и многу други случаи во минатото, да започне од самиот почеток“, дополни Мицкоски.

Пендаровски и Мицкоски - право и правда за 27 април

Тој додаде да се почека конечно пресудата од второстепениот суд Апелација, да ја добијат осудените лица и нивните бранители и потоа да можат да го користат вонреден правен лек, односно да приложат нови докази.

По вчерашната средба Пендаровски пак рече дека нема простор за помилување, но, судот е тој што треба да одлучи дали ќе се повтори процесот. Пендаровски за настаните од 27 април рече дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, затоа што нивната вина била неспорно утврдена во судскиот процес.