Бислимоски: Нема да дозволиме зголемување на цената на струјата

Марко Бислимовски, Регулаторна комисија за енергетика

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски порачува дека во јуни или јули годинава нема да дозволат зголемување на цената на струјата на регулираниот пазар.

„РКЕ вообичаено во јуни или во јули ги носи своите одлуки за цени на електрична енергија, но ќе ги преземе сите механизми кои и се на располагање, можеби ќе излезе и од своите законски надлежности пропишани во Законот за енергетика и нема да дозволи зголемување на цената на електрична енергија“, вели Бислимоски во интервју за МИА.

Поголеми плати, но помала куповна моќ

Во нашите одлуки за цени, нагласува тој, влијаеме на крајната цена со 38 проценти, односно само на цената за пренос и за дистрибуција на електрична енергија, а на 52 проценти не можеме да влијаеме.

„По започнувањето со либерализацијата на пазарот на електрична енергија од 1 јануари 2019 година, РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ и Универзалниот снабдувач – ЕВН Хоум на тендер ги набавува потребните количини кои сега во најголем дел се однесуваат за домаќинствата. На тој тендер во 2021 година ЕСМ е должна да понуди 70 проценти од потребите на овие потрошувачи. При тоа нема гаранција дека ќе биде откупена таа електрична енергија, доколку останатите трговци со електрична енергија понудат пониска цена. Во делот на набавката на електрична енергија апсолутно не можеме да влијаеме, а тоа е околу 43 до 44 проценти“, потенцира Бислимоски.