Иран и светските сили на нова рунда преговори за нуклеарниот договор

аЗменик-министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи на разговорите во Виена.

Иран денеска го одржа четврти круг разговори на високо ниво со светските сили со цел враќање на САД во историскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Преговорите, кои започнаа во Виена на почетокот на април, се фокусираат на создавање патоказ за Вашингтон за укинување на санкциите за Иран и за Техеран да ги врати ограничувањата на својата нуклеарна програма, утврдени во договорот.

Според договорот, Иран вети дека ќе ги ограничи своите нуклеарни активности во замена за олеснување на меѓународните санкции. Но, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави од пактот во мај 2018 година, велејќи дека треба повторно да се преговара и воведе санкции за Иран.

Иран реагираше со збогатување на ураниум до поголема чистота, складирање повеќе од дозволеното и воведување понапредни центрифуги. Договорот има за цел да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Иранските власти тврдат дека нуклеарни амбиции се чисто за цивилни цели.

„Информацијата што ни е пренесена од американска страна е дека тие се исто така сериозни во враќањето на нуклеарниот договор и тие досега прогласија подготвеност да укинат голем дел од своите санкции. Но, ова не е адекватно од наша гледна точка и затоа дискусиите ќе продолжат сè додека не ги достигнеме сите наши барања“, рече заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека сака повторно да се приклучи на договорот, но, дека Иран треба да се врати на усогласеноста.

Рускиот делегат Михаил Улјанов на Твитер објави дека делегациите се согласиле за потребата од интензивирање на процесот и „се чини дека се подготвени да останат во Виена колку што е потребно за да се постигне целта“.

Ален Матон, портпарол на делегацијата на ЕУ во Виена, рече дека експертските разговори ќе продолжат во наредните денови.