Портпаролката на Европската комисија за проширување Ана Писонеро денеска рече дека ставот на Комисијата е дека и С Македонија и Албанија се подготвени да започнат преговори, но дека одлуката ја носи Советот јави МИА од Брисел.
„Позицијата на Европската комисија е многу јасна: сакаме да видиме меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки, таму се наоѓаме“, изјави Писонеро.
До ова доаѓа по најавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз дека Брисел би можел да ги почне пристапните преговори со Тирана, ако Скопје и Софија не изнајдат заеднички прифатливо решение за историскиот спор.
Осврнувајќи се на изјавата на Вархеји портпаролката рече дека еврокомесарот посочил оти е потребна согласност од земјите членки на ЕУ за одржување на меѓувладината конференција, чин што го означува формалниот почеток на преговорите со ЕУ.
„Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа“, рече Писонеро.
Таа објасни дека доколку земјите членки одлучат дека само Албанија треба да започне преговори, Европската комисија не би се противела на овој став, бидејќи земјата сега ги исполнува сите преостанати услови.
Вархеји: Можно е раздвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ
Премиерот Зоран Заев во понеделник треба да се сретне со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со која се очекува да биде отворена оваа тема.
Можноста за раздвојување на Македонија и Албанија, еврокомесарот Вархеји ја најави и за време на посетата на Скопје во вторникот.