Вархеји: Можно е раздвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ

еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, Скопје

Иако процесите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа заедно, Брисел би можел да ги раздвои и да ги почне пристапните преговори со Тирана, доколку продолжи бугарската блокадата на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија, изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји. Тој за Еуроњуз вели дека ако продолжи застојот во случајот со С. Македонија, ќе се разгледа можноста Албанија сама да продолжи на европскиот пат.

Планот А за ЕУ не функционира, план Б нема

„Ако повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека не сме успешни во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за обострано прифатливо решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање“, рече Вархеји. За тоа дали формалното „раздвојување“ е опција, тој одговори: „Да, тоа би можело да биде опција“. Можноста за раздвојување на Македонија и Албанија, Вархеји ја најави и за време на посетата на Скопје во вторникот.