САД, Канада и Норвешка се приклучуваат на проектот за воена мобилност на ЕУ

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Европската унија одобри земјите членки на НАТО – САД, Канада и Норвешка да може да учествуваат во проект чија цел е мобилност на војници и воена опрема низ Европа.

Со одлуката донесена на 6 мај, ЕУ првпат отвора иницијатива од пактот за трајна структурирана соработка (ПЕСКО), чија цел е продлабочување на одбранбените врски со надворешните партнери.

Лидерите на земјите членки на ЕУ го договорија овој пакт во декември 2017 година, во услови на зголемени тензии меѓу Западот и Москва во врска со руската агресија во Украина.

Оттогаш до 2028 Унијата треба да одвои 1,7 милијарди евра (2 милијарди долари) од својот заеднички буџет за да ја подобри таканаречената воена мобилност, нешто што НАТО го смета за клучно во случај на конфликт со Русија.

Поради бирократија често се попречува непреченото распоредување на сили, без оглед дали станува збор за копнени, воздушни или поморски.

Министрите за одбрана на членките на ЕУ денеска за првпат по повеќе од една година имаа лична средба во Брисел. За време на пандемијата тие комуницираат онлајн. Министрите дадоа зелено светло за САД, Канада и Норвешка да се приклучат на т.н. проектот за воена мобилност на ЕУ, предводен од Холандија.

Со овој проект треба да се направи одбраната на ЕУ поефикасна.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој се состана со министрите на ЕУ, исто така го поздрави потегот и истакна дека „сојузниците кои не се членки на ЕУ играат суштинска улога во заштитата и одбраната на Европа“.

САД и нивните сојузници во НАТО го зајакнаа своето присуство во источниот дел на Алијансата, делумно да помогнат да ги уверат Естонија, Летонија, Литванија и Полска дека ќе бидат одбранети во случај на каква било руска агресија.

Канада ја води борбената група на НАТО стационирана во Летонија, а исто така е вклучена и Норвешка која не е членка на ЕУ.

На нивниот состанок во Брисел, министрите за одбрана на ЕУ, исто така, се очекува да разговараат за ситуацијата во и околу Украина.