МОН - Промените во основното образование ќе се случат

Министерството за образование и наука соопшти дека како за сите останати реформски процеси, така и за Законот за учебници, консултира и го слуша мислењето на сите засегнати страни. Преку соопштение наведуваат дека со носењето на Законот предност се дава на квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, така што тоа не смее да биде причина за бојкот. Денеска претставници на МОН се сретнаа со претставници на Фејсбук-групата која бара стопирање на предлог-законот за учебници во основното и средното образование.

„Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба која ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови“, се наведува во соопштението на МОН.

Денешната средба во МОН со претставници на Фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“ заврши без заклучок. Фејсбук групата брои 70 илјади членови кои се противат на воведувањето дигитални учебници и бараат децата да продолжат да учат од хартиени. Нова средба треба да има од понеделник, а дотогаш бојкотот го ставаат во мирување, но ќе протестираат доколку нема средба или не им се исполнат барањата.