Фајзер и БиоНТек ќе донираат вакцини за Олимпијадата во Токио

Производителите на вакцина Фајзер и БиоНТек ќе донираат вакцини против ковид-19 на спортистите и делегациите кои ќе учествуваат на Олимписките игри во Токио ова лето.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) денеска соопшти дека дозите вакцини ќе бидат доставени до спортските делегации овој месец, за да се осигура дека оние кои ќе присуствуваат на Олимписките игри ќе имаат доволно време да бидат целосно заштитени со две дози на вакцината што ќе ја примаат.

Иако вакцините не се задолжителни за спортистите кои ќе учествуваат на Олимпијадата, сепак од МОК соопштија дека очекуваат многумина да се вакцинираат пред почетокот на игрите на 23 јули.

„Ги покануваме спортистите и делегациите учеснички на претстојните Олимписки и параолимписки игри да дадат пример и да ја прифатат вакцината“, рече шефот на МОК Томас Бах.

Претходно, МОК соопшти дека ќе им понуди на националните делегации кинески вакцини против ковид-19.

На Олимписките игри во Токио се очекува да учествуваат повеќе од 11 илјади спортисти. Игрите требаше да се одржат минатата година, но беа одложени поради пандемијата. Јапонија веќе одлучи да ги забрани гледачите од странство.

Како што се доближува стартот на Олимпијадата сè погласни се повиците да се одложи, оти Јапонија ја зафати нов бран на инфекции, како и поради појавата на мутирани соеви кои владеат насекаде низ светот.
Во меѓувреме, гувернерот на Токио, Јурико Коике, побара од владата да ја продолжи вонредната состојба во главниот град.

Токио, Осака и другите делови на земјата кои опфаќаат скоро една четвртина од населението во Јапонија се под вонредна состојба.