Без заклучок средбата на МОН со противниците на електронски учебници

Илустрација

Без заклучок заврши средбата на претставници на Фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“ со претставници на Министерството за образование и наука, на која тие го образложија нивното барање да се стопира носењето на новиот закон за учебници во основно и средно образование, за што од минатиот четврток повикуваат и на бојкот на наставата. Тие се противат на воведувањето дигитални учебници и бараат децата да продолжат да учат од хартиени.

Драгана Спасевска по средбата, на која биле тројца претставници од МОН, но не и министерката Мила Царовска, изјави дека тие не биле компетентни за сите нивни барања и дека треба да бидат вклучени и претставници од Бирото за развој на образованието и од СОНК. Им било кажано, рече таа, дека откако ќе се консултираат со нив, одново ќе ги поканат од понеделник на средба. Дотогаш бојкотот го ставаат во мирување, но ќе протестираат доколку нема средба или не им се исполнат барањата.

Фејсбук-групата има над 70.000 приврзаници и од минатиот четврток повикува на бојкот на наставата. Тие бараат хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование и задолжително нивни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работна група за измени во Законот.