Талибанските борци ја заземеаа втората по големина брана во Авганистан и две бази на авганистанската армија, соопштија милитантите и официјалните лица, додека борбите во земјата ескалираат во услови на тековно повлекување на американските и меѓународните сили.
Браната Дала, позната и како Аргандаб, се наоѓа во областа Шах Вали Кот во јужната провинција Кандахар, на околу 40 километри северно од истоимениот главен град на провинцијата.
Браната, која обезбедува наводнување за земјоделците преку мрежа на канали, како и вода за пиење за градот Кандахар, сега е под контрола на Талибанците по повеќемесечни жестоки борби во поранешното упориште на милитантите.
„Ја зазедовме браната Дала во Аргхандаб“, изјави талибанскиот портпарол Кари Јусуф Ахмади.
Хаџи Гулбудин - гувернер на соседната област, потврди дека браната „сега е под контрола на Талибанците“.
„Нашите безбедносни сили побараа засилување, но не успеаја да го добијат“, рече Гулбудин.
Заземањето на браната доаѓа откако оваа недела избувнаа тешки борби во соседната провинција Хелманд, само неколку дена откако американската војска официјално започна да ги повлекува преостанатите трупи од Авганистан.
Милитантите минатиот месец кренаа во воздух мост што ја поврзуваше браната со соседните области.
Браната Дала е изградена од американски инженери пред скоро 70 години за да обезбеди вода за наводнување на земјиште во околу седум области на Кандахар.