Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека предметот за набавка на вакцините против Ковид-19 е при крај, но дека има и информации што се уште не се целосни.
Горан Трпеноски – член на Комисијата денеска изјави дека целата ситуација е комплексна, со оглед на поларизацијата на државата, додавајќи ДКСК како институција не сака да се стави во корист на било која од политичките чинители.
Изјавата на Трпеновски доаѓа откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека министерот за здравство Венко Филипче наместо по регуларен пат, тргнал да набавува вакцини 200.000 кинески вакцини преку фантом фирма од Хонг Конг - „Стабари Интернешнал“.
Од ВРМО-ДПМНЕ повикувајќи се на документи соопштија дека вкупната вредност за набавката за 200.000 вакцини која требало да биде направена би била 12.5 милиони американски долари, што е 62.5 долари за вакцина.
„Тоа е дупло поскапо од цената што ја плаќале другите држави“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму посочуваат дека свиркач им доставил документи, од кои се гледа дека плаќањето било извршено.
„Ова е Налог за извршување на плаќање во странство остварен со акредитив во висина од 7.800.000 американски долари, уплатата е извршена од страна на министерството за здравство, во кое министер е Венко Филипче, преку сметка во НБРМ од буџетски средства, а примач е „Стабри Интернешенал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДКСК велат дека од МЗ известиле дека немаат исплатено аванс на правно лице за купување кинески вакцини, туку на почетокот на оваа година има извршено уплата на средства на име гаранција со цел да се изврши резервација на 200 илјади дози вакцини од производителот Синофарм од Кина, врз основа на заклучоци од затворена владина седница одржана на 5.февруари.
Трпеновски вели дека Владата во кородинација со владата на Кина, преку Кинеската амбасада во С.Македонија одлучила да ги прекине започнатите активности и ги побарала назад уплатените средства, што било реализирано со враќање на средствата.
„Владата за операционализирање на својата одлука на 16.март го задолжила МЗ да ги прекине сите активности за реализација по заклучоците од 8 – та седница односно парите што биле префрлени на Стабри се вратени назад и нема извршено никаква исплата. Владата потоа склучила договор директно со производителот Синофарм“, вели Трпеноски.
Тој додава дека не може да изнесува други детали бидејќи производителите во документите што ги има добиено ДКСК, е ставена клаузулата за тајност.