Премиерот Заев прими вакцина од кинескиот Синофарм

Зоран Заев

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ се вакцинира против коронавирусот со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.

„Ја примив првата доза од вакцината Синофарм, односно онаа што беше на располагање кога ми дојде мене редот согласно со Националниот план за вакцинација. Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда во денешните поладневни часови“, рече Заев по вакцинирањето.

Премиерот верува дека со дозите вакцини што пристигнаа минатата седмица, како и со сите договорени и потврдени количини што треба да пристигнат во претстојниот период, е можно до почетокот на летото да имаме висок процент население кое ќе биде вакцинирано, што ќе придонесе за целосно менување на сликата на епидемијата кај нас.

Тој ги охрабри сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација, да го направат тоа што поскоро и со тоа, како што нагласи, да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за заштита од коронавирусот.