Надзорниот одбор на Фејсбук денеска одлучи да ја поддржи одлуката на управата за забраната на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да објавува пораки на друштвените мрежи Фејсбук и Инстаграм.
Одборот додаде дека не е прикладно Фејсбук трајно да го санкционира Трамп и дека управата би требало да ја преиспита одлуката за забраната донесена на 7 јануари.
Надзорниот одбор, чии одлуки се задолжителни, наведе дека Трамп, со своите коментари на 6 јануари на денот на упадот во Капитол хил во Вашингтон „создал опкружување со можен сериозен ризик за избивање насилство“.
„Во моментот на објавување на пораките на Трамп постоеше јасен и непосреден ризик од нанесување штета и неговите зборови за поддршка за оние кои се вмешани во нередите ја легитимираа нивната насилна акција“, наведува надзорниот одбор на Фејсбук.
Насилни демонстранти кои го поддржуваат американскиот претседател Доналд Трамп на 6 јануари упаднаа во зградата на Капитол Хил во САД со што го одложија официјалното верификување на победата на сегашниот претседател Џо Бајден на претседателските избори во ноември. Четири лица починаа во насилството што изби откако Трамп ги поттикна приврзаниците на митингот пред Белата куќа и ги оспори изборните резултати.
Фејсбук на 7 јануари го суспендираше налогот на Трамп.