Црвенковски без коментар за шпекулациите дека ќе формира нова партија

Архивска фотографија: Зоран Заев и Бранко Црвенковски во 2018

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски останува на ставот да не дава изјави во јавноста по било кои прашања, изјавиле за МИА од неговиот кабинет во врска со шпекулациите во јавноста дека тој планира да формира политичка партија.

Премиерот Зоран Заев денеска на прашање за шпекулациите дека поранешниот претседател на СДСМ, премиерот и претседател на државата ќе формира нова партија, изјави дека не верува во тие приказни.

„Тоа треба дефинитивно да го прашате него, а јас го кажувам заради тоа што тој е еден од основачите на СДСМ и претседател на партијата долг период. Бил премиер, а преку честа да го води СДСМ бил претседател на државата и е наш општественик. Верувам дека шпекулациите се присутни заради тоа што во Охрид се најавува нова листа од наши докажани социјалдемократи“, рече премиерот Зоран Заев во одговор на прашање при денешното пуштање во работа на реконструираната полициска станица во Ресен.

Тој рече дека верува оти низ телата и органите на партијата ќе се најдат решенија за амбициите за кандидати за градоначалници и советници. Од СДСМ негираат дека ваквите случаи се одраз на поделби на партијата на повеќе крила и уверуваат дека партијата е обединета.