Една условна и четири затворски казни добија денеска петтемина обвинети што признаа вина во случајот со издавање лажни пасоши „Двојник“. Од нив, четворица се вработени во МВР и судот ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба и овластувања, а другиот првостепено осуден е посредникот Раиф Мифатари, кој се товари за поттикнување.
Мифтари доби 2 години и 3 месеци затвор, додека останатите затворски казни за тројца од вработените во МВР се во висина од: 2 години и 7 месеци, 2 години и 3 месеци, 2 години. Условната казна е за еден вработен во МВР и таа изнесува 6 месеци затвор, кои нема да се извршат ако во рок од 2 години тој не направи ново кривично дело.
Покрај казните, вработените во МВР добија и забрана за вршење на професијата во наредните 10 години.
Шестмина од обвинетите за лажните пасоши признаа вина
Признание на вина најави уште една обвинета од МВР, која денеска од здравствени причини не дојде во судот, но преку нејзиниот адвокат доставила писмен поднесок дека ќе се изјасни за виновна. За неа предметот се раздвои и рочиште ќе се одржи кога ќе ѝ се подобри здравствената состојба. За останатите петмина вработени од МВР, кои се изјаснија за невини, судењето ќе продолжи в петок.
Во случајот обвинети се 11 лица, од кои десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат дека го сториле кривичното дело продолжена злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување. Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.