Лавров во посета на Ерменија и Азербејџан

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во текот на оваа недела ќе ги посети Ерменија и Азербејџан, соопшти руското Министерство за надворешни работи, прецизирајќи дека Лавров ќе биде во Ереван од 5 до 6 мај, а во Баку од 10 до 11 мај. „Предвидени се преговори со раководството на Ерменија и Азербејџан. За време на контактите, страните опширно ќе го разгледаат опсегот на прашања за билатералната и регионалната соработка, како и за партнерството во меѓународната арена “, наведува руското Министерство.

Лавров: односите меѓу Русија и САД се полоши отколку за време на Студената војна

Ерменија и Азербејџан кон крајот на минатата година се судрија околу Нагорно-Карабах, по што овој дел, како и сите седум области околу него дојдоа под контрола на Азербејџан по скоро 30 години контрола од Ерменците. Во насилствата загинаа над 4700 луѓе. Тамошното примирје го надгледува заеднички турско-руски центар. Ерменскиот премиер Никол Пашинијан во минатиот месец ја понуди својата оставка со што формално се отвора патот за одржување на парламентарни избори во земјата, во обид да се смири политичката криза поттикната од војната со Азербејџан.