Навистина многу тешко прашање, работиме многу напорно и ќе продолжиме, но не сме до крајната цел, одговори попладнево еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на новинарско прашање дали земјава има се уште шанси да ги почне преговорите со Европската унија во јуни. Тој во Скопје престојува заедно со Каролине Едштадлер, сојузна министерка за Европа и Устав на Република Австрија по повод пристигнувањето на првата количина од 4850 вакцини против ковид Фајзер од вкупните 119 213 кои треба да пристигнат до крајот на август.
На заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев во спортската сала Борис Трајковски во Скопје, којa е најголем вакцинален пункт во земјава, Вархеји на прашањето дали е можно одвојување на Македонија и Албанија, кои досега одеа во пакет во евроинтегративниот пат рече дека процесот се заснова на заслуги.
„Да Албанија ги има исполнето сите услови и ако не се постигне договор за случајот на Северна Македонија мислам дека ќе дојде и тој момент кога ќе треба да разгледуваме и други опции. Денеска разговарав за ова прашање со премиерот Заев и се согласивме дека мора да се направи напредок од двете страни“, рече Вархеји кој додаде дека за ова денеска дискутирал и со неговиот домаќин, премиерот Зоран Заев.
Во владиното соопштение за средбата, пак, се наведува дека станало збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на земјата во ЕУ, “при што премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изрази очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија“.