Попладнево во спортската сала Борис Трајковски која е најголем вакцинален пункт против ковид19 во земјава пристигнаа првите вакцини од помошта од Европската унија кои во Скопје ги донесоа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и Каролине Едштадлер, сојузна министерка за Европа и Устав на Република Австрија.
Премиерот Зоран Заев на прес конференцијата со двајцата европски гости рече дека ова се првите 4850 дози вакцина Фајзер од 119 213 кои треба да пристигнат до август. Вкупно месецов, прецизираше Заев, треба да стигнат 19 890 дози Фајзер од оваа програма.
„Зад нас останува периодот кога тешко се стигаше до вакцините и сите показатели и динамиката на пристигање на вакцините во претстојнииот период најавуваат дека во тој поглед имаме сериозни промени на подобро“, рече Заев и се заблагодари на солидарноста на ЕУ.
Еврокомесарот за проширување Вархеји рече дека ова е подарок за граѓаните на Северна Македонија.
„Ова е добар ден за Западен Балкан и за Северна Македонија. Конечно можеме да ги испорачаме првите вакцини.Денеска сме горди да објавиме дека близу 120 илјади вакцини за Северна Македонија ќе бидат испорачани до крајот на август. Тоа е подарок од ЕУ за Северна Македонија за да ја преброди пандемијата. Се надевам дека целосно ќе го заокружиме процесот на вакцинација. Бидејќи не сме безбедни додека сите не се безбедни“, рече Вархеји.
Тој заедно со Едштадлер денеска покрај во Македонија престојуваа и во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Вчера балканската турнеја ја почнаа во Белград, а утре ќе ги посетат Албанија и Косово.
„Ова е гест на посветеност на Австрија и ЕУ кон Западен Балкан. Австрија се залага регионот да биде во центарот на надворешната политика на ЕУ и затоа ќе продолжи да дава поддршка во тој контекст. Се надевам дека наскоро ќе можеме да се вратиме во нормала. Само со заеднички сили можеме да и ставиме крај на пандемијата, рече Едштадлер.
Како што објавија Европската Комисија и Австрија на 20 април, вкупно 651.000 дози на Фајзер ќе му бидат доставени на регионот, на неделна основа, од почетокот на мај до август. Вакцините се финансирани од пакетот вреден 70 милиони евра, кој Комисијата го одобри во декември минатата година за да помогне во покривањето на трошоците за вакцини обезбедени преку договорите на ЕУ за авансна набавка за партнерите од Западен Балкан.