Шилегов бара истрага од ДКСК за набавка на противпожарна скала

Противпожарна служба. Илустрација.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска се обратил до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за испитување на набавката на специјализираното возило- противпожарна скала.

„Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала“, вели Шилегов во барањето до ДКСК.

Станува збор за набавка, како што наведуваат од град Скопје, спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траел шест месеци и чија вредност изнесува 1,7 милиони евра со ДДВ.

Командатот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски изјави дека противпожарната скала за Град Скопје е повеќе од неопходна и е купена по нивна препорака и врз основа на направена анализа.

„Оваа противпожарна скала е од ист тип и од ист производител како противпожарната скала во Загреб, но овде станува збор за различна дополнителна опрема. Секогаш дополнителната опрема се доплаќа дополнително и затоа е разликата во сумите за набавка меѓу скопската и загребската скала. Со оваа дополнителна опрема што ја купивме, можеме да кажеме дека граѓаните од Скопје кои живеат над петтиот кат, ќе бидат безбедни“, нагласи Симоновски.

На тендерот се јавила само унгарската компанија „Хороскоп“. Самиот производител, според него, е должен да обучи осум пожарникари и лица кои ќе ракуваат со опремата бидејќи станува збор за специфична повеќенаменска опрема. Самата корпа на скалата има дополнителна носилка за повредени и дополнителна ПП опрема.

Од ВМРО ДПМНЕ реагираа дека противпожарното возило со скала произведено од истиот производител како тоа купено од Град Скопје, градот Загреб го платил по повеќе од двојно пониска цена, односно 794.052 евра плус ДДВ.

„Како е возможно исто противпожарно возило со скала во Скопје да чини повеќе од двојно од тоа во Загреб? Дали скоро милион евра разлика завршила во нечиј џеб и во каква поврзаност има Петре Шилегов со тоа?“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија наведуваат и дека во зделката е вклучен и зетот на секретарот на Град Скопје.