Ситуацијата на границата меѓу Киргистан и Таџикистан останува стабилна по смртоносните судири во последните неколку дена, при што двете страни продолжуваат да се обвинуваат за насилството.
Министерството за внатрешни работи на Киргистан соопшти дека полицијата ја контролира ситуацијата во југозападниот регион Баткен, кој се граничи со таџикистанската провинција Сугд, еден ден откако двете страни објавија повлекување на воените единици од границата.
Според министерството, киргистански експерти работат на ликвидација на неексплодирани гранати во близина на селото Актатир откако избувнаа борби за водни постројки на територијата за која и Киргистан и Таџикистан тврдат дека е нивна.
Заменик-министерот за здравство Ализа Солтонбекова рече дека вкупно 36 киргистански граѓани загинале, 189 лица биле повредени, а 58.000 биле евакуирани за време на насилството што избувна на 28 април и траеше скоро три дена.
Таџикистанските власти не објавија информации за жртви. Но, дописниците на на РСЕ од земјата известија дека најмалку 16 таџикистански државјани, вклучително и неколку воени офицери, биле убиени, а 90 лица се повредени.
Како и многу други погранични области во Централна Азија, скоро половина од киргиско-таџикистанската граница од 970 километри не е обележана, што доведува до тензии меѓу земјите во последните 30 години. Последните борби беа најтешки во последните неколку години и предизвикаа стравувања за поширок конфликт меѓу соседите.
Европската унија, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Русија ги повикаа двете страни да го почитуваат договорот за прекин на огнот.
И Киргистан и Таџикистан се домаќини на руски воени бази.