Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји денеска ќе престојува во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Тој вчера престојуваше во Белград, а утре ќе ги посети Албанија и Косово, објави Европската комисија. Вархеји во Владата ќе има средба со премиерот Зоран Заев и ќе го посети центарот за вакцинација во арената „Борис Трајковски’’, заедно со австриската министерка за ЕУ Каролине Едштадлер. Како што објавија Европската Комисија и Австрија на 20 април, вкупно 651.000 дози на Фајзер ќе му бидат доставени на регионот, на неделна основа, од почетокот на мај до август. Од нив, 119.123 вакцини ќе бидат за Македонија. Овие вакцини ќе помогнат да се забрза кампањата за вакцинација против ковид-19 и да се осигура дека медицинските работници и дел од најранливите групи се имунизирани.
Како до повеќе вакцини против ковид-19?
Вакцините се финансирани од пакетот вреден 70 милиони евра, кој Комисијата го одобри во декември минатата година за да помогне во покривањето на трошоците за вакцини обезбедени преку договорите на ЕУ за авансна набавка за партнерите од Западен Балкан. Австрија го олесни споделувањето на овие вакцини финансирани од ЕУ преку правни договори со производителот и со секој партнер од Западен Балкан. Вархеји рече дека патувал на Западен Балкан за да пренесе „јасна порака дека ЕУ се грижи за партнерите“. „Патувам на Западен Балкан за да пренесам јасна порака: Ние се грижиме! Ние се грижиме за нашите партнери и се грижиме за нивните здравствени работници и најранливите. Испораките со вакцини ја потврдуваат нашата постојана посветеност на поддршката, како што сторивме уште од избувнувањето. Заедно посилни“, изјави тој.