Главниот координативен кризен штаб и предлага на Владата на наредната седница да усвои одлука забраната и посебниот режим на движење да трае од 23 до 5 часот наредниот ден и времето за работа на угостителските објекти со гости само во отворениот дел – летни тераси и градини – да биде до 22:30 часот, соопшти владината Прес-служба.
"Наведените предлог-мерки на Министерството за здравство ќе се разгледуваат на следната владина седница и доколку се усвојат, би биле со важност од 5 мај 2021 година (среда)", се додава во соопштението на кризниот штаб.
Инаку од синоќа од 21 часот важи одлуката за полициски час, односно забрането движење на граѓаните, како мерка за сузбивање на ширењето на ковид-19.
Исклучок од ваквата одлука имаше за Велигден, кога граѓаните можеа слободно да се движат, со почитување на мерките за заштита - носење маска и држење дистанца. Ваков исклучокот како за Велигден, ќе има и за муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, на 12 кон 13 мај.