Руското Министерство за внатрешни работи соопшти дека 527.000 луѓе кои живеат во источна Украина, каде сепаратистите поддржани од Русија водат војна против Киев, добиле руско државјанство во последните два дена.
Претходно Русија издаде 650.000 нови пасоши во регионот откако претседателот Владимир Путин во 2019 година издаде наредба за поедноставен и забрзан процес на државјанство за жителите на тие области.
Политиката на Москва за доделување државјанства во Украина се најде под силни меѓународни критики и на тоа се гледа како на обид за натамошна дестабилизација на областа.
Во конфликтот во источна Украина загинаа над 13.000 лица од почетокот на борбите во април 2014 година.
Русија им обезбеди воена, економска и политичка поддршка на сепаратистите во делови на украинските региони Луганск и Доњецк. И покрај огромните докази за спротивното, Москва тврди дека не е вклучена во внатрешните работи на Украина.
Последното доделување на пасошите се случува во време на зголемени тензии меѓу Русија и Украина во последните неколку недели, откако Русија започна распоредување воена опрема и сили долж границата со Украина и во црноморскиот украински регион Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.