Слободата на медиумите е од клучна важност во кризни времиња, нагласија дебесја генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ и германската министерка за правда Кристина Ламбрехт. Тие изразија загриженост поради нападите врз новинари и ограничувањата на слободата на печатот во многу делови на Европа.
Со Советот на Европа моментално претседава Германија.
Во заедничката изјава по повод утрешниот 3 мај – Светски ден на слободата на печатот, тие потсетија дека правото на слобода на изразување е содржано во членот 10 од Европската конвенција за човекови права, на која се обврзаа сите 47 земји-членки на Советот на Европа, вклучително и 27 членки на Европската унија.
„Во демократија, новинарите играат витална улога во откривањето на вистината и повикувањето на властите на одговорност. Нивната работа е да обезбедат граѓаните навремено да добиваат точни и веродостојни информации, што е уште поважно во контекст на пандемијата на ковид-19“, се додава во соопштението.
Оценето е дека медиумите треба да бидат слободни детално да го проучуваат и критикуваат одговорот на властите на кризата, но како што беше потврдено од последниот извештај на граѓанските организации кои соработуваат со Советот на Европа, многу новинари се соочуваат со зголемени опструкции додека ја исполнуваат оваа важна улога во текот на пандемијата.