Индија вчера го регистрираше најсмртоносниот ден од почетокот на пандемијата со 3689 починати во изминатите 24 часа, а вкупниот број заразени достигна 19,5 милиони луѓе, откако беа откриени над 392 илјади нови случаи, покажуваат владините податоци.
Ова е четврти дена по ред во кој има над 3000 починати од ковид-19 во Индија, која е жестоко погодена од вториот бран на пандемијата. Во земјата од заразата досега починаа над 215 илјади луѓе.
Индија е прва земја во светот која завчера надмина 400 илјади случаи дневно.
Болниците се преоптоварени со пациенти и се соочуваат со недостиг на кислород.
Премиерот Нарендра Моди денеска одржа состанок на кој беа разгледани мерките за сузбивање на огромниот пораст на заразите.
Индија вчера го прошири планот за вакцинација и дозволи да се вакцинираат сите постари од 18 години, но биле вакцинирани само 86 илјади луѓе, соопшти владата, зашто нема доволно вакцини.
Во земјата, чиј здравствен систем е парализиран, пристигнува меѓународна помош од САД, Германија и други земји кои ветија поддршка.