Отворање на кафеаните во Грција по шест месеци

Илустрација: Бар на плажа на Халкидики

По пауза од точно шест месеци, во Грција од утре повторно отвораат угостителските објекти. Ќе работат само во надворешните делови, односно само терасите и летните бавчи, без жива музика и со ограничено работно време до 22:45 часот.

Маската е задолжителна за персоналот, а постои силна препорака да ја користат и посетителите.

За вработените задолжителен тест за коронавирус за домашна употреба два пати седмично, а трошоците за еден од тестовите ќе ги покрива државата.

Со отворањето на кафулињата, рестораните и таверните, дополнително се скратува полицискиот час, па од утре ќе биде од 23, наместо од 22 часот.

Од почетокот на пандемијата, во изминатите 15 месеци, угостителите во Грција беа затворени вкупно осум месеци, два за време на првиот и шест за време на вториот карантин.

Отворањето на угостителските објекти, не значи и крај на карантинот во земјата, воведен на 7 ноември 2020 година, со оглед на тоа дека и за одење на кафе/пијалак или во ресторан, граѓаните ќе треба да испратат СМС порака, нешто што е веќе секојдневие во Грција во изминатите шест месеци.

Во рамките на владиниот план за постепено олабавување на мерките, по угостителските објекти, од следниот понеделник на 10 мај во училишните клупи се враќаат сите ученици, додека пак за 15 мај е закажан официјалниот почеток на туристичката сезона.

Заедно со туризмот, ќе се отворат и организираните плажи, по над шест месеци ќе се укине испраќањето смс пораки за движење на граѓаните и ќе биде дозволено патување меѓу региони.