Одлуката на грчката Влада за привремено затворање на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, е продолжена до 14 мај 2021 година, што значи дека јужниот сосед и понатаму останува затворен за македонските државјани.
Според најавите, се очекува за две седмици да бидат отворени копнените граници на Грција и да се укинат ограничувањата, а патувањето да биде или со негативен тест за ковид-19 или со сертификат за вакцинација.
Засега, овие правила важат за 11 трети земји, како и за државјаните на земјите членки на ЕУ и Шенген зоната, кои согласно претходните одлуки се исклучок од забраната за влез и се ослободени од задолжителниот карантин.
Во сила, и понатаму е и новото правило воведено минатата седмица, според кое, задолжителниот ПЦР тест за влез во Грција важи и за деца кои наполниле пет години.
За туристите за кои не важи забраната, дозволен е влез преку граничните премини од Бугарија, Промахонас (Кулата) и Нимфеас (Маказа), со негативен ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето, но и доколку имаат негативен резултат од брзиот тест направен на самата граница.
За граничниот премин Евозни (Богородица) од Македонија, како и Какавиас од Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена.
За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а исто како и за останатите патници за кои е дозволен влез, така и на возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.
Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и ЕУЛЕКС на Косово.
Границите на Грција за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани се затворени речиси 15 месеци, откако лани, за време на првиот карантин во март, беше воведена одлуката, а оттогаш континуирано се продолжува.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во телевизиската порака до граѓаните пред десет дена, кога соопшти олабавување на мерките, најави дека на 15 мај „ќе биде отворен туризмот“.