САД и НАТО денеска официјално почнуваат со повлекување на своите последни војници од Авганистан, оставајќи ја земјата разорена од војни во неизвесна иднина среде големи насилства и без мировен договор.
Околу 3500 американски и 7000 војници од другите членки на НАТО треба да го напушат Авганистан до 11 септември, со што завршува дводецениското воено присуство во земјата.
Поради стравувањата дека охрабрените талибанци би можеле да ги нападнат странските сили за време на повлекувањето, официјален претставник на НАТО рече дека сите напади ќе наидат на жесток одговор.
Доцна синоќа, в.д. министерот за внатрешни работи Хајатула Хајат им нареди на полициските командири „да ги зголемат контролните пунктови во градовите и да вршат претреси на влезовите во градовите“, велејќи дека талибанците може да го зголемат насилствата.
Автомобил бомба синоќа експлодираше во Пул-е Алам, главен град на провинцијата Логар, при што беа убиени 26 луѓе, а повеќе од 100 беа ранети. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Американскиот претседател Џо Бајден минатиот месец најави дека повлекувањето на американските сили од Авганистан ќе заврши до 11 септември, на 20-годишнината од терористичките напади врз Њујорк И Вашингтон. Тоа е четири месеци подоцна од датумот што беше утврден од администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
НАТО соопшти дека ќе го следи истиот временски рок за повлекување на членовите на нивната мисија „Одлучна поддршка“.
Повлекувањето ќе биде тест за авганистанските безбедносни сили, а американските генерали изразија загриженост дека тоа може да доведе до колапс на авганистанската влада или нова граѓанска војна.
Сепак, авганистанскиот претседател Ашраф Гани инсистира дека владините сили се целосно способни да се справат со милитантите. Гани рече дека повлекувањето на странските сили значи дека талибанците веќе немаат причина за борба.
„Кого убивате? Кого уништувате? Вашиот изговор дека се борите против странците сега е готов“, рече тој.
Мировните напори завршија во ќорсокак откако владата во Кабул, која има западна поддршка, и талибанците минатата недела ги почнаа мировните преговори во Катар. За минатиот месец беше закажан Меѓународен самит во Истанбул, но настанот беше одложен откако талибанците одбија да присуствуваат, а нов датум не е закажан.