Планот на Индија да дозволи вакцинација против коронавирус на сите 600 милиони возрасни луѓе во земјата го покажа недостигот на вакцини во земјата. Повеќе индиски држави објавија дека имаат само ограничен број, а некои целосно ја одложија вакцинацијата.
И покрај тоа што е најголем производител на вакцини во светот, Индија нема доволно за себе. Откако земјата со 1,3 милијарди жители го запре извозот, тоа предизвика глобален недостиг на вакцини.
„Тајмс оф Индија“ објави дека само шест од 28 држави и осум територии ќе можат да ја почнат вакцинацијата на целото возрасно население, а дури и таму само во ограничен број области.
Во финансиската престолнина Мумбаи, властите ги затворија центрите за вакцинација на три дена, а во главниот град Њу Делхи главниот министер ги повика луѓето да не доаѓаат на вакцинација зашто вакцините уште не се пристигнати.
Само околу 9 отсто од жителите на Индија примиле една доза од вакцината, со што земјата стана ранлива на забрзано ширење на заразата предизвикано од мутациите на вирусот, лабавите здравствени протоколи и организирањето масовни настани.
Стапката на зараза може да биде 5-10 повисока од официјалната, а експертите велат дека ситуацијата веројатно ќе се влошува.
САД на 30 април соопштија дека ќе ги ограничат патувањата од Индија од 4 мај поради драматичниот раст на бројот на заболени и појавата на нови мутации на вирусот. Во меѓувреме, првиот авион со медицинска помош од САД пристигна во Индија. Вашингтон испраќа помош во вредност од 100 милиони долари, како и материјали за производство на вакцини, со што ќе овозможи производство на дополнителни 20 милиони дози.
Повеќе од 40 држави од светот испраќаат помош во Индија.
Во меѓувреме САД објави дека целосно вакцинирале 100 милиони луѓе, односно 40 отсто од возрасното население. Потрошени се 237 милиони дози, а 55 отсто од возрасните граѓани примиле барем една доза. Тоа го забави ширењето на вирусот.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација ја одобри вакцината на Модерна, што е петта одобрена вакцина која довива дозвола за итна употреба од оваа организација.
По бавниот старт, вакцинацијата и во Европа добива на динамика, а неколку држави соопштија дека планираат постепено отворање на економијата.