Останува напната ситуацијата во спорната погранична област меѓу Киргистан и Таџикистан, откако беа убиени над 40 лица, меѓу кои и цивили, а десетици други се ранети, соопштија киргистанските власти. Ова се најголемите вакви судири во последните три децении.
Граничната служба на Киргистан денеска соопшти дека регистрирала движење на таџикистанска воена опрема во правец на границата и дека таџикистанските сили блокираат пат кој поврзува две киргистански области во регионот Баткен.
Таџикистанските трупи отворија оган врз станбени куќи кои претходно биле евакуирани во областа Леилек, додека граничните единици на Киргистан заземале одбранбени позиции. Нема коментар од таџикистанските власти за ваквите наводи.
Судирите започнаа на 28 април по насилниот спор меѓу жителите од двете страни на границата околу поставувањето на надзорни камери на пунктот за дистрибуција на вода во близина на таџикистанската енклава Ворух.
По околу 24 часа насилство, беше објавено дека е постигнато примирје. Ова беше едно од најтешките насилства во овој регион по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
Киргистанските власти соопшти дека се убиени 31 нивни државјани, а 154 други биле повредени. Властите соопштија дека околу 20.000 луѓе, главно жени и деца, биле евакуирани од селата во близина на границата.
Таџикистанските власти, каде има строга контрола врз информациите, соопштија дека девет нивни граѓани биле ранети, а двајца од нив биле пренесени во болница со прострелни рани. Сепак, дописниците на РСЕ од Таџикистан јавуваат дека најмалку 12 таџикистански државјани биле убиени, а десетици други биле повредени во насилството.