Неисплатени или намалени плати, притисок врз работниците да потпишуваат спогодби за престанок на работниот однос, злоупотреба на државната помош за исплата на плати и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа, се дел од прекршувањата на работничките права со кои работниците годинава ќе го прослават Меѓународниот ден на трудот.
Од почетокот на здравствената криза, правната служба на ССМ по пат на совети, изготвени правни мислења, толкувања, приговори, тужби и директно постапување пред надлежните органи, обезбеди заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80.000 вработени, наведува ССМ.
Над 40 проценти од обраќањата на работниците кои минатата година побарале правна помош од ССМ се за неосновано намалени и неисплатени плати, додатоци на плата и регрес за годишен одмор, а исто толкав е и процентот на обраќања за отказ од работа.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) велат дека пандемијата уште повеќе придонела за злоупотреба на законите и прекршување на правата на работниците, но според нив, затаиле и инспекциските служби.
Двата најмногубројни синдикати по своето членство бараат да се признае и Ковид-19 како професионално заболување за сите работници, а на заболените работници да се исплаќа 100 проценти плата.
Од Сојузот на синдикати на Македонија Денот на трудот безбедно ќе го одбележат пред зградата на ССМ од каде ќе испратат порака дека силата на работниците е кога тие се здружени со иста цел за заштита и унапредување на работничките права.
И од Конфедерацијата на слободни синдикати нема да организираат протестен марш, но велат дека ќе продолжат со нивните барања за поголеми работнички права.
Меѓународниот ден на трудот се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што во 1886 година се одржа во Чикаго на кој се бараше осумчасовен работно време. Во знак на почит кон жртвите, во 1889 година на основачкиот конгрес на Втората интернационала е донесена Декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации со цел да се подобри нивната положба.
Оттогаш во повеќето држави низ светот се одржуваат протестни маршеви. Во земјава, 1 Мај е прогласен за неработен ден согласно Законот за празници.