Слободата на печатот во Русија е се повеќе загрозена додека властите во таа земја на Радио Слободна Европа и други медиумски организации им даваат рестриктивни етикети за странски агенти и им испорачуваат парични казни соопшти Стејт департментот. Зборувајќи на брифинг портпаролот Нед Прајс рече дека руската влада се повеќе е „нетолерантна кон надворешните перспективи“, додека се обидува да го укине секое несогласување во земјата.
Ваквите коментари доаѓаат откако рускиот медиумски регулатор на рускиот сервис на Радио Слободна Европа му изрече казна од скоро милион долари во последните месеци за стотина кршења на законот за странски агенти.
„Јасно ставивме до знаење дека руските акции против Радио Слободна Европа и други медиумски организации означени како странски агенти ја одразуваат значителната нетрпеливост и опресивните ограничувања“, рече Прајс.
Инаку законот првпат е усвоен во 2012 година и од тогаш неколкупати е проширен со што им се дава на властите моќ невладините организации, групите за човекови права и медиумските агенции за кои сметаат дека добиваат странски пари за политички активности да ги нарекуваат странски агенти.
Меѓу останатото законот бара медиумите кои се финансираат од странство својот производ во Русија да го означуваат како производ на странски агент. Обврзувачката објава од 24 збора мора да биде двапати поголема од големината на фонтот кој се користи за насловот на текстот. За видеоматеријалите текстот мора да зазема најмалку 20 отсто од екранот и да се прикажуваат најмалку 15 секунди.
Ова предизвика загриженост дека можеби руската влада се подготвува да го забрани РСЕ во Русија и да ги присили сервисите на руски јазик да заминат од земјата.
„Ако руската влада продолжи со чекорите насилно да го исклучи РСЕ ние ќе мора да одговориме“, рече Прајс не прецизирајќи што би можело да се преземе.
Претседателот на РСЕ Џејми Флај рече дека нема да дозволат да бидат ставени во ситуација да се подрива слободата на говорот и новинарскиот интегритет.
„Нема да дозволиме Роскомнадзор и Кремљ да донесуваат уредувачки одлуки за тоа како ја ангажираме нашата публика во Русија“, рече Флај.
Последните недели и американскиот државен секретар Ентони Блинкен го отвори прашањето за РСЕ со рускиот колега Сергеј Лавров.