Амбасадата на САД во Бугарија на своите профили на Фејсбук и на Твитер изрази поддршка за постапките на Бугарија во врска со откривањето дека руски воени разузнавачи се одговорни за експлозиите во бугарски воени фабрики и магацини во последните десет години. Дописникот на МИА од Софија го цитираше текстот објавен на социјалните мрежи од страна на Амбасадата на САД во Бугарија.
„Бугарија е пријател, сојузник на НАТО и стратегиски партнер. Ние силно го поддржуваме суверенитетот на Бугарија и уште еднаш стоиме заедно со неа против злонамерните активности на нејзина територија“, пишува американската амбасада во Софија.
Инаку Бугарија минатиот месец соопшти дека привела и обвинила шест лица осомничени за давање класифицирани информации на Русија. Потоа месецов Софија го прогласи за персона нон грата рускиот заменик на военото аташе. Бугарските власти започнаа истрага против шестмината руски државјани осомничени за вмешаност во серија експлозии што погодија четири објекти за оружје во земјата помеѓу 2011 и 2020 година.
Портпаролката на јавното обвинителство Сика Милева тогаш рече дека може да се направи „разумна претпоставка за врската помеѓу експлозиите на територијата на Република Бугарија, труењето на тројца бугарски државјани и сериозните злосторства извршени на територијата на странска земја“.