Заев: Коалиции за локалните избори ќе дефинираме во септември

Зоран Заев

За евентуално коалицирање за локалните избори во втората половина на октомври, СДСМ ќе соопшти во септември, по одржувањето на пописот, но претседателот на партијата Зоран Заев од сега повика на соработка.

Одговарајќи на новинарско прашање дали на изборите СДСМ ќе настапи со некоја од партиите од албанскиот политички блок, тој кажа дека е рано да соопшти сега и, веројатно, тоа ќе се знае еден месец пред изборите

"Сè уште е рано. Кога ќе ги донесеме одлуките на нашите состаноци, веднаш ќе ги соопштиме. Но, тенденцијата ни е сплотеност и заедно, и секогаш да настапуваме во духот не едно општество за сите. И уште сега го испраќам повикот за соработка – предизборна и послеизборна, зашто преку соработка и единство ќе можеме да постигнеме и поголеми успеси", рече Заев.

„Метлата“ на Заев во сопствениот двор

Прашан за состојбите во СДСМ и дали има превирања, бидејќи членови на партијата формираат независна советничка листа во Охрид, а и поради повлекувањето на Радмила Шекеринска од фунцијата заменик-претседател на партијата, Заев одговори дека Социјалдемократскиот сојуз е единствен и тоа е покажано во нивното секојднево функционирање.

" Но, секако, различни сме во разноликоста на нашите ставови и размислувања и тоа нè прави најдемократска партија со докажани демократски начини на работење, однесување и функционирање. Листите за кои слушнавме во Охрид се порака, пред сè, до Социјалдемократскиот сојуз и ќе разговараме во деновите пред нас, имаме неполни шест месеци до изборите. СДСМ секогаш по пат на единство ги извојувал победите, но и континуираните промени што се случуваат", одговори Заев.

За откажувањето на Шекеринска од партиската функција, пак, повтори дека веќе кажал оти ги прифаќа нејзините ставови и дека има, како што рече, огромни можности и аспекти за соработка во иднина.

Тој потсети и дека на 16 мај претстои конгрес на партијата, кој е многу значаен зашто во најава се новите политики на СДСМ.

"За изборите ќе почнеме со истражување, анкети, сондажи, пред сè, помеѓу граѓаните и нашите поддржувачи, со конечна цел што е тоа што би било најдобра испорачана понуда од СДСМ", додаде Заев.