Нашето членство во НАТО се совпадна со избувнувањето на пандемијата и во почетните месеци на оваа глобална криза, македонските граѓани ја искусија важноста на солидарноста во Алијансата, бидејќи добивме вредна поддршка од земјите членки, како и од самата организација, изјави претседателот Стево Пендаровски по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, заблагодарувајќи се пружената помош во овој период.
Тој истакна дека пандемијата е само еден од предизвиците на хоризонтот и земјава како членка на НАТО, активно ќе учествува во справувањето со традиционалните и новите закани.
Според него, претстојниот самит на НАТО ќе биде добра прилика да се разговара за новите предизвици, но исто така и за зајакнување на трансатлантското партнерство кое без сомнение, ќе има позитивно влијание врз стабилноста на Западен Балкан.
Како што информира Кабиентот на шефот на државата на средбата Пендаровски – Столтенберг станало збор за соработката меѓу Македонија и НАТО, за актуелните регионални и безбедносни прашања, за надворешно-политичките приоритети на земјава и за можностите за продлабочување на соработката во справување со последиците од глобалната пандемија на Ковид-19.
„Претседателот Пендаровски во разговорот со генералниот секретар Столтенберг, ја реафирмираше подготвеноста и посветеноста на Република Северна Македонија во промовирање на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека земјава и во иднина активно ќе придонесува во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО во регионот и пошироко“, се додава во соопштението.