Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ги повика повозрасните Грци да се вакцинираат, оценувајќи дека колебањето околу примањето вакцини е причина за толку високите стапки на смртност и на хоспитализирани од ковид-19.
„Податоците кои ги имаме од одделенијата за интензивна нега и интубираните пациенти се јасни – 95 отсто од нив, наши сонародници, не се целосно вакцинирани“, рече Мицотакис.
Вакцинацијата во Грција е на ниво на тоа во Европа, но бројот на починати е поголем, а бројот на пациенти со ковид-19 на кои им е потребно лекување на интензивна нега е на највисоко ниво од почетокот на пандемијата.
Здравствените стручњаци велат дека Грците постари од 80 и под 70 години не закажуваат или не се појавуваат на закажаните термини во значително поголем број отколку оние меѓу 75 и 79 години.
Владата апелираше до Грчката православна црква и до организациите на пензионери да помогнат во програмата за вакцинација.