Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по средбата со македонскиот претседател, Стево Пендаровски во Брисел изјави дека шпекулациите кои произлегоа од наводните нон-пејпери за прекројување на границите на Западниот Балкан не помагаат за стабилноста.
„Не е на мене да коментирам нешто што не сум го видел или прочитал но секоја шпекулација за промена на граници само ќе донесе повеќе неизвесност и нестабилност во регионот, шпекулациите не се од помош“, изјави Столтенберг.
Столтенбер воедно ги охрабри Бугарија и Северна Македонија да изнајдат решение за билатералниот спор и потсети дека Алијансата претставува платформа за дикусија.
„Секогаш имало разлики помеѓу сојузниците, но ние сме и платформа каде се здружуваме и се ангажираме во дијалог“, рече Столтенберг, потсетувајќи дека токму благодарение на лидерство во Скопје, Атина и Софија се постигнати договорите кои овозможија Северна Македонија да стане полноправна членка на НАТО минатата година.
- ЕУ порачува: Прашањето за границите на ЗБ е засекогаш затворено
- САД против прекројување на границите на Балканот
Претседателот Пендаровски порача дека и во минатото предупредил против вакви опасни идеи на поделба по етничка линија во регионот и увери дека ниеден од неговите соговорници во ЕУ или во НАТО не поддржува вакви концепти какви што содржат наводните нон пејпери. Според него, јасно е дека лицата што стојат зад овие документи и сами се срамат од напишаното со оглед на тоа дека остануваат анонимни.
Тој додаде дека според меѓународните анкети Северна Македонија е меѓу првите држави со висока поддршка за членство во Алијансата, рамо до рамо со некои од најстарите земји членки.