Сојузот на средношколци не повикал на бојкот, МОН апелира да се следи настава

Министерство за образование и наука

Сојузот на средношколци демантира дека е организатор на бојкот на наставата поради дигитализацијата на учебниците и дека тоа се лажни вести со кои одредени групи манипулираат со јавноста.

„Сојузот никогаш не организирал ниту, пак, повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците. Нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува само на четврто одделение, кои ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование“, објави Сојузот на средношколци на Фејсбук.

Нивниот став, како што се наведува, е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Сојузот притоа порачува дека многу ученици денеска биле изманипулирани без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа. Притоа од сојузот повикаа на учениците да им бидат оправдани изостаноците.

До оваа реакција доаѓа откако денеска голем дел од учениците од средните скопски училишта „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Здравко Цветковски“ одлучија да не ги вклучат компјутерите во знак на револт поради најавениот закон за укинување на учебниците и воведување дигитални учебници.

Професори од овие училишта за Плусинфо брифираат дека еден мал дел од учениците, кои не биле информирани за бојкотот, денеска се вклучиле на првиот онлајн час, но подоцна и тие одлучиле да ги затворат лаптопите.

– Бојкотираат учениците од гимназиите „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Здравко Цветковски“, а мал дел од учениците бојкотираат во средното медицинско училиште. Децата уште вчера им најавиле на своите класни раководители дека од денеска нема да присуствуваат на онлајн часовите поради законот за укинување на учебниците.

МОН соопшти дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е современо решение базирано на глобални образовни стандарди и ќе донесе подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем.

„Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ-технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците“, информира МОН.