Полицискиот час од утре до 15 мај ќе почнува од 21 часот па ќе трае до 5 часот наутро. Исклучок од ова ќе бидат само верските празници Велигден и Рамазан Бајрам, односно нема да важи за деновите 1 и 2 мај, како и за 12 и 14 мај. Владата денеска донесе одлука за измени на мерките за заштита од коронавирусот со кои се дозволува работа на угостителските објекти само во отворените делови, односно на терасите на објектите до 20часот и 30 минути.
„Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува. Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и до сега“, стои во соопштението на Владата.
Од Владата потенцираат дека согласно препораките на Комисијата, во сила останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор, додавајќи дека дејноста може да ја извршуваат на отворен простор, согласно наменскиот протокол.