Министерството за образование не се откажува од дигитализацијата на учебниците и другите наставни дидактички матерали, нешто кое требаше да биде уредено со нов закон. Оттаму објаснуваат дека засега е повлечен предлогот на законското решение поради потребата да биде усогласено со европски документи и додаваат дека уште денеска ќе се најде на седница на Влада по што ќе биде доставен предлог законот во Собрание.
„МОН не се откажува од носењето целосно нов закон за учебници со кој се воведуваат современи материјали за учење и се нуди можност за дигитализација. Ги повикуваме граѓаните и родителите да не подлегнуваат на грубите лаги и политички манипулации пласирани во јавност од страна на пратеници од опозицијата“ се вели во соопштението .
Од МОН појаснуваат дека при усогласувањето со СЕП земени се предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата. Во нивен фокус се развој на дигиталните вештини на учениците, креирање и употреба на дигитални наставни материјали, развој на едукативни платформи, развој на дигиталните вештини на наставниците и трансформација на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.
Образованието (не)подготвено за премин кон дигитални учебници
Во него се додава и дека како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука. Спомнатите иницијативи, велат од МОН, ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини, да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците.