Европската унија и Соединетите држави ја отфрлија идејата за прекројување на границите на Западен Балкан како одговор на неофицијалниот предлог за распаѓање на Босна и Херцеговина и спојување на Косово со Албанија.
Документ, кој циркулираше меѓу официјалните претставници на ЕУ, предлага вклучување делови на Босна во Србија и Хрватска, за да се помогне интеграцијата на регионот во ЕУ, јавува новинската агенција Ројтерс, која наведува дека го видела документот, но не може да ја потврди неговата автентичност. „Апсолутно не сме за какви било промени во границите“, рече портпаролот на Европската комисија Ерик Мамер на прес-конференција. Соединетите држави исто така го отфрлија предлогот, предупредувајќи дека поместувањето на границите ризикува влошување на тензиите во регионот. „Неодамнешните неоправдани шпекулации за промена на границите на Балканот по етничка линија ризикуваат поттикнување на нестабилност во регионот и будат сеќавања на минатите тензии“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс.
Вучиќ: не сме заинтересирани за Голема Србија
Во интервју во минатата недела, српскиот претседател Александар Вучиќ се осврна врз документот со кој се предлага „обединување на Косово и Албанија“ и „приклучување на поголем дел од територијата на Република Српска со Србија“. Вучиќ ја отфрли идејата, велејќи дека неговата влада „не е заинтересирана за создавање на каков било вид на голема Србија“. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас исто така го одби предлогот, велејќи дека идејата е „ставена во фиока“. Дискусијата ја вознемири Босна, која смета дека е закана за нејзиното територијално единство две децении откако етничките конфликти доведоа до војна во регионот. Две поранешни југословенски републики, Хрватска и Словенија, се во ЕУ. Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Босна, Албанија и Косово се надеваат дека ќе ѝ пристапат. ЕУ вели дека тие прво мора да ги решат конфликтите и да ги унапредат демократските реформи.
„Нoн-пејпери“ и глупости: Словенија и „распадот“ на Босна
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 26 април, по разговорите со Вучиќ во Брисел, рече дека ЕУ сака „да продолжи да гледа позитивни движења во владеењето на правото“ во Србија, како дел од разговорите за пристап. Двајцата дискутираа за разговорите на Белград со Косово, чија независност не ја признаваат Србија и неколку земји на ЕУ. Фон дер Лајен рече дека блокот ќе ја поддржи изградбата на железничката пруга меѓу Белград и Северна Македонија, чии надежи за официјално започнување на преговорите за членство во минатата година беа намалени по ветото од Бугарија. Лидерите на Северна Македонија и Косово оваа недела треба да престојуваат и во Брисел.