Поголем дел од приходите на текстилните фабрики кои работат за купувачи од странство, главно од Германија и други земји во Европа, настрадаа во април годинава откако тие земји ги прекинаа нарачките поради рестриктивните мерки воведени поради пандемијата.
Врз тоа ние не можеме да влијаеме, ниту во вакви моменти да најдеме нови клиенти за производи од модната конфекција, ни кажува Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи и менаџер на компанија за конфекција.
Во такви околности тој вели дека на оваа гранка во која има 30 илјади вработени и е потребно продолжување на владините мерки за исплата на плати на работниците.
До неговото укажување доаѓа откако неодамна Собранието го донесе петтиот пакет мерки со кој работодавачите треба да исплатат плати за февруари и март.
"Факт е дека одредени дејности поради големиот локдаун во Германија како што е во текстилната индустрија барем уште три месеци ќе имаат проблеми со работење. Овој петти сет мерки е наменет за февруари и март, а тоа значи април, мај и јуни, а може и јули ќе бидат проблематични. Затоа се надеваме дека владата ќе направи анализа на компании кои немаат работа, а во текстилната гранка, некои помалку, некои повеќе, но сите имаат проблеми со работа и се надевам дека владата ќе ги разгледа тие анализи и дека ќе донесе седми пакет на мерки", вели Ангел Димитров
Тој укажува дека најмалку 30 проценти од вработените во текстилната индустрија, а тоа значи околу 10.000 луѓе ќе останат на улица, ако локдаунот во Германија трае до крајот на јуни и ако нема помош за април, мај и јуни.
Видете и ова: Работници до Владата - Доста е, претеравтеСтравувањата дека корона- кризата може најпосле целосно да уништи работни места во текстилната индустрија која моментално вработува 30 илјади луѓе во Македонија, се реални, вели и Кристина Ампева од Невладината организација „Гласен текстилец" .
Но, таа нагласува дека текстилната индустрија во изминатите години стана синоним за слабо платена работна сила и дека најголемата структура на вработените во конфекцијата се жени кои се во своите 50- ти години.
Ампева вели дека короната разоткри дека лон- работата на текстилната индустрија за странски брендови веќе не е исплатлива, оти со години платите се иклучително ниски, дека државната помош покрила плата за цели маси вработени, како и дека треба да се стави крај и на злоупотребите од некои работодавачи.
Објавени фирмите кои земале субвенции, а не дале ноемвриска плата
„Се согласувам дека треба да има уште една државна помош за плата за април, зашто голем дел вработени беа на принуден одмор, односно пуштени дома. Треба да се донесе пакет за април, но не може постојано државата да дозволи да ги финансира работодавачите, особено тие што изминатите 30 години исплатиле плата под минимална, под 7 илјади денари, зашто имаат резерви кои не им се пријавени, требаше да извадат од џеб овие месеци", вели Ампева, дополнувајќи дека скандалозно е пари од државниот буџет да завршат кај работодавачите а тие да не им ги дадат, алудирајќи на претходните злоупотреби на помошта од фирми кои земаа субвенции, а не исплатија плата.
Преструктуирања на дел од компаниите за излез од кризата?
Ампева од „Гласен Текстилец" смета дека вистински правец во иднина за текстилните фабрики е да зачекорат посериозно и да создаваат сопствени брендови со кои ќе излезат на пазарот.
„Видoвме дека кризатa ги исфрли недостатоците на текстилната индустрија, 95 проценти извезуваме за странство, ја користат само нашата евтина работна рака, треба да се размислува за нови наши брендови, да соработуваме со нашите дизајнери, да бидеме ние конкурентни на пазарот. Нема модернизација во производството 30 години. Ќе помине кризата, наместо да ги стават сите пари во џеб, да ги наменат за реинвестирање со што нема да зависиме од брендови и да чекаме кога ќе се отворат странските пазари", вели Ампева.
Видете и ова: Работници и сопственици за опстанок на македонските конфекцииИнаку вработените во текстилната индустрија не се единствени на кои им се потребни нови мерки за помош од државата поради пандемијата.
Од Конфедерацијата на работодавачи велат дека од пандемијата освен текстилната индустрија, како и туристичките и угостителските работници кои беа затворени неколку недели, под голем ризик за опстанување се и индустријата за процесуирање на храна, автомобилската индустрија како и трговијата воопшто.
Миле Бошков, претседател на Koнфедерацијата на работодавачи вели дека во Македонија од вкупно 70 илјади компании само 40 до 50 илјади реално се фукционални, а дека останатите имаат проблем со ликвидност или се на праг на ликвидација со години наназад, но оти пандемијата за нив ги нагласила долгогодишните проблеми.
„Факт е дека економијата и потрошувачката и производството се намалени и треба да се размислува да се прави стратегија што ќе се прави со тие луѓе. Меѓу 24 до 45 илјади вработени се под ризик да ја загубат работата поради пандемијата", вели Бошков.
Меѓутоа, тој смета дека бесконечна помош за плати од државата е неодржлива и размислува оти помошта можеби треба да се насочи и кон реструктуирања на компаниите во земјава.
„Не е лесно на пример фирма за храна или за текстил или за автомобили, не е лесно да се реконструира, но треба да се размислува како да се подобри извозниот капацитет, државата треба да помага повеќе за адаптирање на производите, за пакувањата итн, и во поддршка во наоѓање на нови пазари како и во поддршка во промовирање на тие компании",вели Бошков.
Но, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека во моментов тешко е да се размислува како ќе настапуваат во иднина на пазарот во услови кога поради пандемијата има забавување во сите области.
Видете и ова: Преку протести на улица до остварување на правата„Се размислува за тоа долго време, тоа е стара приказна, од осамостојувањето од поранешна Југославија овие области каде имаше невработеност се правеа текстилни компании, но сега во таков обем на работа и со толкав број на работници сопствен бренд тешко може да опстане, тоа значи постепено намалување на работници зашто дел од компаниите ќе пропаѓаат, тоа мора да биде долгогодишен процес за да не се случи одеднаш голем број работници повторно да останат без работа", вели Димитров.
Радио Слободна Европа се обиде да добие одговор од надлежните институции дали се планира седми пакет антикризни мерки. Оттаму не упатија на изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи кој деновиве кажа дека економски тим секојдневно ги анализира состојбите и дека ќе се реагира во согласност со проценките што ќе се направат.
Презентирајќи го неодамна шестиот пакет мерки кој изнесува 17,8 милиони евра владата објави дека со него ќе бидат опфатени дванаесет економски дејности, а во фокусот се угостителството и туристичките дејности кои не работеа во изминатите неколку недели поради рестриктивните мерки.
Претходно од државниот буџет беа издвоени пари за четири други пакети антикризни мерки за ублажување на последиците врз економијата предизвикани од епидемијата на Ковид-19.