Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ кои се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија. Надлежниот јавен обвинител, до Основниот кривичен суд – Скопје, достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети, информираат од обвинителството.
Според обвинението, во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.
Повеќе кривични дела за „Јавна соба“?
На социјалната мрежа „Телеграм“ оваа група веќе е згасната. Обвинителството во овој предмет поведе постапка за ова кривично дело, бидејќи во текот на предистрагата беа обезбедени материјални докази кои упатуваат токму на оваа правна квалификација.
Од ОЈО велат дека предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка.