Министерот за здравство Венко Филипче вели дека состојбата со епидемијата бележи надолен тренд и дека мерките дадоа резултати.
„Сепак, искуството ни покажа дека таа многу брзо може да се дестабилизира доколку не се почитуваат мерките. Пред нас следат празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита“, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство.
Тој најави дека од следната недела пристигаат поголеми количини на вакцини со кои ќе се подигне капацитетите за вакцинација на максимум.
„Ве уверувам дека брзо и ефикасно ќе вакцинираме со цел што побрзо граѓаните да стекнат имунитет. Од вас единствено барам почитување на јасно пропишаните мерки кои ќе не заштитат од евентуален нов бран после празниците, напиша Филипче.
Комисијата за заразни болести деновиве треба да ја анализира епидемиолошка состојба со ковид-19, по што ќе биде одлучено дали ќе има нови мерки за време на претстојните велигденски празници.
Постојните мерки за ограничување на движењето и другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на ковид-19 се со важност до 27 април.