Ерменскиот премиер Никол Пашинијан ја понуди својата оставка со што формално се отвора патот за одржување на парламентарни избори во земјата, во обид да се смири политичката криза поттикната од војната со Азербејџан, минатата година.
„Според договорот со претседателот и политичките сили, денес се повлекувам за да одржат предвремени парламентарни избори на 20 јуни“, објави денеска Пашинијан на Фејсбук.
Пашинијан рече дека до гласањето ќе ги исполнува должностите на премиер и дека планира и да учествува на изборите, односно ќе биде кандидат за премиер. Тој вели дека ќе ја почитува волјата на граѓаните и од нив ќе зависи дали тој ќе биде премиер.
Овој потег следи по неодамнешните измени направени во Изборниот законик. Опозицијата вели дека измените имаат за цел да му помогнат на Пашинијан да победи.
Досега во Ерменија се гласаше за партии и сојузи, како и за индивидуални кандидати, додека следните избори ќе се одржат само по партиска основа.
Ерменија е во криза, откако Пашинијан во ноември минатата година потпиша прекин на огнот со Азербејџан, околу Нагорно Карабах. Договорот беше потпишан во посредство на Русија.
По разговорите со опозицијата, во март годинава Пашинијан се согласи на предвременени зибори во јуни. Анкетите за јавното мислење покажуваат дека оттогаш нагло паѓа рејтингот на владата на Пашинијан, и тоа од околу 60 проценти доверба сега е на околу 30 проценти.