ВМРО-ДПМНЕ го поддржува протестот за слобода за „уставобранителите“, за СДСМ тоа е поддршка за насилство

Поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков

ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка на протестот, кој ќе започне денеска пред Влада и ќе продолжи кон Собрание, соопштуваат од партијата. На протестот се бара слобода за „уставобранителите“, односно за луѓето кои се осудени за упадот во Собрание на 27 април 2017.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како што наведуваат во соопштението, даваат поддршка на протестот и бараат ослободување на „уставобранителите“.
„Тие не се и не можат да бидат терористи. Тие се чесни граѓани на оваа земја“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ реагираат дека со поддршката на денешниот протест ВМРО-ДПМНЕ стои на браникот на криминалот и криминалците.

„Со денешниот протест тие уште еднаш докажуваат дека се за одбрана на насилство, за одбрана на обидите за државен удар, за одбрана на обидите за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието“, стои во соопштението на СДСМ.

Во март 2019 беа осудени 16 луѓе на вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок”. Меѓу нив се поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, припадници на МВР и на Агенцијата за разузнавање. Во февруари годинава на Апелација на дел од осудените казните им беа благо намалени.