Комисијата за заразни болести деновиве треба да ја анализира епидемиолошка состојба со ковид-19, по што ќе биде одлучено дали ќе има нови мерки за време на претстојните велигденски празници.
Постојните мерки за ограничување на движењето и другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на ковид-19 се со важност до 27 април.
Според министерот за здравство Венко Филипче, иако состојбата со ковид-19 се стабилизира, граѓаните мора да останат максимално внимателни, а особено да бидат внимателни за претстојните празници кои се голем епидемиолошки ризик.
„Вакцината е најдобриот начин за борба против пандемијата. Секој од нас треба да учествува во таа битка. Само така ќе може да му се вратиме на нормалното живеење, на блискоста со драгите луѓе, на дружбите со пријателите. Пријавете заинтересираност за вакцинација на vakcinacija.mk“ , објави вчера министерот Филипче на својот фејсбук профил.
Досега се вакцинирани 44 974 граѓани, а за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk се пријавени 192 459 граѓани. Се очекува имунизацијата поинтензивно да продолжи да се спроведува по велигденските празници.
Министерот Филипче во петокот изјави дека 200 000 дози од вакцината „Синофарм“ треба да пристигнат околу 28 април.
Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 564 случаи со Ковид-19, 22 починати и 1 357 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во земјава изнесува 17.128, од кои 7737 се во Скопје.
На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1528 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот од кои 596 пациенти во Скопје.